Македонскиот пазар е преплавен со половни автомобили. Официјалните бројки велат дека повеќе од 12.000 увезени стари возила чекаат купувачи на автоплацовите. Според Царинската управа, до 15 август се увезени 34.524 употребувани возила, а податоците добиени од МВР покажуваат дека од нив се регистрирани само 22.634. Сопствениците на автоплацовите за половни возила велат дека последниве две недели драстично е опаднат интересот на граѓаните за да купат стар автомобил. Причина за малиот интерес е неконтролираниот увоз, кој го блокира малиот македонски пазар. Сега има огромна понуда, но нема купувачи. Најмногу се бараат автомобили со италијански таблички, а втори на листата на најбарани, се возила возени во Германија и во Холандија. Најмалку се бараат автомобили од Словенија и од Бугарија.
Македонскиот пазар е преплавен со половни автомобили.
Официјалните бројки велат дека повеќе од 12.000 увезени стари возила чекаат купувачи на автоплацовите. Според Царинската управа, до 15 август се увезени 34.524 употребувани возила, а податоците добиени од МВР покажуваат дека од нив се регистрирани само 22.634.
Сопствениците на автоплацовите за половни возила велат дека последниве две недели драстично е опаднат интересот на граѓаните за да купат стар автомобил. Причина за малиот интерес е неконтролираниот увоз, кој го блокира малиот македонски пазар. Сега има огромна понуда, но нема купувачи. Најмногу се бараат автомобили со италијански таблички, а втори на листата на најбарани, се возила возени во Германија и во Холандија. Најмалку се бараат автомобили од Словенија и од Бугарија.
- Секој ден цариниме по десетина возила најчесто од Словенија. Крајната цена до регистрација им се движи од две до четири илјади евра во зависност од состојбата на возилата и од годината на производство - велат во една скопска шпедиција.
Од таму објаснуваат дека најчесто како увозници се јавуваат граѓани, кои потоа автомобилите ги оставаат за препродажба на автоплац. Скопските автоплацови се преплавени со возила од средна категорија од типот на „пежо 206“, „опел корса“, „фиат пунто“ и по некоја „сеат ибица“.
Во Царинската управа велат дека во август е намален интересот за увоз на употребувани автомобили во споредба со претходниот месец.
- Во јули годинава увезени се скоро 8.500 половни возила, а до 15 август бројката на увезени возила е само една третина од претходниот месец - велат во Управата.
Сопствениците на плацови за половни автомобили велат дека побарувачката е преполовена последниве две недели.
- Конкуренцијата си го направи своето. Сега граѓаните имаат избор и бараат исклучиво сервисирани половни возила по можност со сервисна книшка. Вакви може да се увезат само од Италија или евентуално од Германија каде има регистрирани салони за половни автомобили- вели еден сопственик на плац за половни возила.
Според него, многу малку се продаваат старите возила од Словенија и од Бугарија.
- Тоа се најчесто возила кои од европските држави се увезени во Словенија или Бугарија, а потоа од таму завршуваат кај нас. Најчесто се со километража која не е оригинална - велат на автоплацовите.
Што се однесува до возилата со бугарски таблички, останува многу мал интересот за нивна легализација. Во шпедитерските куќи велат дека возила со бугарски регистарски таблички воопшто не се царинат, иако со намалувањето на акцизите една од намерите беше и нивна легализација. Граѓаните што имаат вакви возила велат дека немаат намера да земат македонски регистарски таблички зашто постапката им е прескапа во споредба со вредноста на автомобилот. Ќе чекале до септември за да видат дали навистина ќе мора да ја напуштат земјава ако возат со таблички од друга држава.
Според МВР, годинава до крајот на јули, се пререгистрирани 22.634 стари возила. Инаку, во 2008 година биле пререгистрирани 4.556, а во 2009 година 6.529 половни возила.
Пад на продажбата на новите возила
Увозот на стари автомобили само краткорочно влијаеше врз продажбата на нови возила, вели претседателот на групацијата на увозници на возила при Сојузот на стопански комори на Македонија, Златко Калеников.
- Мерката беше битна за граѓаните со пониски примања или со мали заштеди кои не купуваат нов автомобил. Сега откако се увезоа многу стари автомобили се чувствува заситување на пазарот за вакви возила. За да се вратиме на старата продажба ни требаат поволни кредити од банките - вели Калеников.